Рецепт за приготвување пилешко месо со јаболков оцет

пилешко месо со јаболков оцет

Овој рецепт за пржено пилешко месо со јаболков оцет е наменет за проготвување совршена пријатна вечера за славење на годишното време во знакот на лисјата што шушкаат под вашите нозе и на топлите нијанси на боите со кои се закитува природата. Извонредно лесно се приготвува, па затоа пробајте го во недела – денот посветен на мрзеливоста или во текот на некоја бурна вечер од динамичната работна недела кога времето незабележливо се лизга низ прсти.

Состојки

  • 3 лажици маслиново масло
  • 4 пилешки копани, со кожа и коски
  • 180 гр сланина
  • 5 главички арпаџик (кромид)
  • 3 чешниња лук
  • 2 моркова
  • 500 гр млад компир
  • 1 големо јаболко
  • 1 лажичка сенф
  • 250 мл јаболков оцет
  • 300 мл пилешка супа
  • 1 ловоров лист
  • 2 гранчиња мајчина душичка
  • сол и бибер по вкус

Метод

За да го подготвите ова вкусно пилешко јадење, почнете со загревање на 3 лажици маслиново масло во една голема огноотпорна тава. Четирите пилешки копани исушете ги со хартиена крпа и зачинете ги со сол и бибер. Пропржете го пилешкото 6-8 минути од секоја страна додека убаво не зарумени. Потоа, извадете ги пилешките копани од тавата и оставете ги настрана, на чиста чинија. Исечкајте ја сланината на ситни коцки и додајте ги во истата тава. Сланината пржете ја неколку минути додека не зарумени и не стане крцкава. Во меѓувреме, исечете ги 5-те главички арпаџик на дебели парченца и додадете ги во тавата со сланината. Промешајте и пржете неколку минути, а потоа додадете 3 мелени чешниња лук. Продолжете со приготвување, така што ќе исечете 500 грама компири на парчиња и ќе ги додадете во тавата, заедно со 2 моркова исечени на парчиња со големина на еден залак и 1 големо јаболко излупено и исечено на парчиња. Промешајте и пржете ја смесата 8-10 минути. Промешајте 1 лажичка сенф, а потоа прелејте го јадењето со 250 милилитри јаболков оцет и со 300 милилитри пилешка супа. Погрижете се течноста да го покрие целиот зеленчук. Додајте 1 ловоров лист и 2 гранчиња мајчина душичка за да се добие исклучителен вкус. Промешајте сè заедно и потоа ставете ги претходно заруменетите пилешки копани врз зеленчукот. Садот со вака приготвеното јадење се пече во рерна на 180°C, со вклучување на вентилатор, со поставување на средина, 30 до 35 минути, сè додека пилешкото не се зготви и зеленчукот не омекне. Откако ќе го приготвите ова прекрасно јадење, послужете го додека е топло за да уживате во божественоста на неговиот вкус!

Сподели:

Можеби би сакале да прочитате